Македонија

Урбаниот хаос го задушува Тетово

06.08.2023 14:12

Урбан хаос во Тетово со разни зданија, некои со дозволи за градба, но дел и дивоградби, го задушија градот. Од општинскиот инспекторат, велат дека нивни екипи се постојано на терен и сè што се гради спротивно на законот се стопира…

Надградби, доградби, куќи, деловни објекти се градат низ тетовско без дозвола за градба на приватен, но и државен имот. Бесправните објекти го уништуваат и грдат тетовскиот регион, а надлежните со години многу малку преземаат, велат повозрасните тетовци, кои веќе не можат да го препознаат градот под Шара.

Лошата урбанизација го задуши градот, нема циркулација на воздухот. На лето пеколно на зима големо аерозагадување. Целиот град е бетонизиран и асфалтиран, а и тие градби за кои се дадени дозволи, се сомневаме дека се по легален пат, велат граѓаните.

Од општинскиот инспекторат, велат дека нивни екипи се на терен, а во последно време тврдат дека е намалено дивото градење на објекти. Како проблем ги наведуваат жалбите до второстепената владина комисија кои сопствениците на нелегалните објекти сè почесто ги поднесуваат.

Според инспекторатот на Попова Шапка веќе нема градење на бесправни објекти, по нивните неколку акции за уривање на дивоградби во викенд населбата на туристичкиот центар.

Зоран Димовски