Хартиената здравствена книшка заминува во историјата

21.05.2014 10:47

Оние кои што не аплицирале за електронската картичка неопходно е тоа да го сторат што поскоро. Без соодветната легитимација, лекувањето во македонскиот здравствен систем ќе биде отежнато. Во Велес повеќе од 3.000 осигуреници сеуште не поднеле барање на електронска картичка, а 20.000 ја очекуваат наскоро...

Повеќе од три илјади велешани сеуште не аплицирале за електронска здравствена картичка. Од Подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување,  апелираат  осигурениците  што поскоро да поднесат барање. Периодот кога тие  можат да се лекуваат со старите здравствени легитимации и сините картони изминува.  

Од Фондот за Здравствено осигурување апелираат до невработените кои не се реевидентирале тоа да го сторат што поскоро, да поднесат барање на електронска здравствена картичка затоа што без неа во иднина нема да може да се лекуваат.

Примената на електронската здравствена катричка започна минатата година. Засега се користат како замена за сините картони, во иднина се предвидува таа да ја замени хартиената здравствена легитимација.

„Па добро е подобое е вака, картони плави да не бараме... Сега е многу подобро нечекаме за сини картони, докторите имаат можност  преку здравствената картица на увид во  нашата здравствена состојва... Идам да прашам дали е готово дали не е , од кога е може има една година“, велат случајно анкетираните велешани.

Околу 20 илјади електронски картички неодамна пристигнале во Фондот, штом заврши класификацијата истите ќе бидат поделени.

„Ќе ги замолиме осигурениците да не инсистираат сега на почетокот туку да ни остават простор ние да се организираме и да ги поделиме картичките“, рече Анде Марковски, раководител на Фондот за здравствено осигурување Велес.

Примената на електронската  здравстевната картица е само еден од  проектите на ресорното министерство. Целта е лекари да имаат поголема прегледност во здравствениот картон на осигуреникот.


Дијана Иванова