Врнежите помогнаа во борбата со пламените јазици
Службите можат да здивнат. Врнежите помогнаа за целосно гаснење на пожарите. За една недела, хеликоптерите на МВР исфрлиле 185 тони вода врз најкритичните точки. Првиот човек на Центарот за управување со кризи, Ангелов апелира на внимателност зашто битката е далеку од добиена…

Врнежите ги изгаснаа и последните жаришта, службите добија можност барам малку да здивнат од неколкудневната борба со огнените стихии. Само викендов се бореа со над 50 пожари на отворен простор. Четири беа сериозни, па беше побарана воздушна поддршка и интервенција со хеликоптер и авион. Првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вели дека огнот бил предизвикан од човечки фактор, а има и сомнежи за намерно потпалување.
И покрај тоа што пожарите се изгаснати, нема простор за опуштање. Граѓаните треба да бидат внимателни оти допрва претстои борба со пламените јазици.
Во изминативе неколку дена, полициските хеликоптери кои интервенираа во Свети Николе, Дојран, Богданци, Демир Капија, Отовица и неготинско исфрлиле 185 тони вода врз најкритичните точки, соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тоа, заедно со поддршката од пожарникарите од копно беше клучно за огнените стихии да не зафатат големи површини.
Ана Јосифоска-Тодоровска
