Македонија

Стабилна, но се следи состојбата со африканската чума

07.08.2023 11:51

Состојбата со африканската чума кај свињите во земјава е стабилна, но активно се следи. На сила се мерки во неколку заштитни и зони под надзор, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Се ревидира и планот за итни мерки и се изготвува нова програма за надзор. Болеста активно се шири и во соседството. Во Србија од почетокот на годината уништени се 18.000 свињи …

Стабилна е, но се следи состојбата со африканската чума кај свињите во земјава, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Изминатиов месец не е регистриран нов случај на заболени животни. Сепак сè уште се на сила мерките, кои се однесуваат на заштитната и зоната под надзор. Во североистокот болеста е потврдена во четири фарми, како и една во источниот регион. На фармите во селата Петралица, Ранковце, Трново (кривопаланечко) и Нов Истевник (делчевско) угинати се девет свињи, а нештетно отстранети 28. Спроведено е чистење и дезинфекција.

„Во однос на добиточните пазари забраната за движење и промет сè уште е на сила. Забраната важи и за ловиштата каде што е потврдена болеста, но и за прихранување, освен кога тоа се врши заради засилен отстрел“, информираат од Секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните.

Од почетокот на годината кај дивата популација на свињи, болеста е потврдена на 17 ловишта во пет региони. Целата територија на земјава е прогласена за високо ризична зона. Вкупно биле потврдени 75 позитивни мостри. Од Агенцијата информираат дека во моментов се ревидира планот за итни мерки и се изготвува нова програма за надзор на африканската чума кај свињите. Се реализираат и меѓународни работилница бидејќи болеста се шири во целиот регион, Грција, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска. Во соседна Србија од почетокот на годината уништени се дури 18.000 свињи. Африканската чума не е опасна за луѓето, но е многу заразна и смртоносна за домашните и дивите свињи.

 

Елена Георгиевска