Битола преполна со посетители коишто нема каде да се информираат што нуди градот, затоа што нема туристички информативен центар
Битола преполна со туристи, гости и повратници од странство кои остануваат подолг период. Еден од проблемите со кои се соочуваат овие луѓе е, немањето на туристички информативен центар, којшто за првпат бил отворен во 2006 година, но повеќе од 10 години не функционира. Туристичките водичи сметаат дека таков инфо центар е неопходен за развој на туризмот. Ова лето во Битола и околината има повеќе од 20 илјади туристи-велат од општината. Граѓаните сметаат дека овие посетители се од огромно значење за економијата и трговијата на градот …

По речиси тригодишната пауза, Битола повторно преполна со посетители. Поделени на туристи и повратници кои живеат во странство и доаѓаат на подолг престој. Еден од проблемот со кој се соочуваат овие луѓе, а кој го посочуваат и туристичките водичи, е туристичкиот информативен центар, кој е затворен повеќе од 10 години.
„Споредено со останатите градови и она што го гледаме низ Европа и низ светот можам да речам, неопходно е бидејќи едноставно кој и да дојде индивидуално и неорганизирано прво што ќе праша е каде може да се информира за тоа како да го помине денот“, изјави Горан Пинза, лиценциран туристички водич.
Покрај редовните туристи кои доаѓаат во летниот период, Битола секојдневно ја посетуваат и гости од соседството, најчесто од Грција, кои се многу важни за економијата и трговијата во градот.
„Ги има во голем број, пред сè поради близината на граничниот премин кој е на 15 км од центарот на Битола, по фризерските салони“, додава Пинза.
Граѓаните со свое видување за туристите. Меѓу другото велат, најмногу се значајни од економски аспект за градот.
„Секој турист е важен нормално и од материјални причини, меѓутоа и ќе видат, ќе кажат нешто за нас, дали арно или лошо, тоа зависи од нас“, изјави граѓанин.
„Работат во странство, идат тука трошат пари“, вели друг граѓанин.
„И нормално економски, оставаат доста пари“, додава трет граѓанин.
Според информациите од Локалната самоуправа, во Битола и околината, ова лето престојуваат повеќе од 20 илјади туристи.
Александра Максимовска
