Во Прилеп почна одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на армиските резервисти кај „Карпалак“
Во прилепската касарна „Мирче Ацев“ почнаа одбележувањата на 22-годишнината од загинувањето на 10 прилепски воени резервисти кај месноста „Карпалак“. Прилепските резервисти загинаа во заседата на армискиот конвој на патот Скопје-Тетово. Испратени се пораките дека бранителите нема да бидат заборавени, а 2001-ва да не се повтори. Централното чествување е на денот на трагедијата пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп…

И по 22 години чувствата на гордост и тага се измешани. Прилеп се сеќава на 10-те загинати воени резервисти: Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко Љубе, Пецо и Марко. Загинаа при заседата на армискиот конвој кај Карпалак. Одбележувањата почнаа пред спомен обележјето во гарнизонот „Мирче Ацев“.
Според здружението „Карпалак“, политичкиот систем никогаш нема да ги реши отворените прашања за бранителите кои загинаа и за оние кои го преживеаја воениот конфликт во 2001-ва.
На денот на трагедијата, осми август ќе бидат посетени месноста Карпалак, вечните почивалишта на загинатите бранители во Прилеп и населените места. Централното чествување е во центарот на градот пред споменикот „Карпалак“.
Елизабета Митреска
