Продолжуваат протестите на пензионерите
Продолжуваат протестите на пензионерите. Се протестира во повеќето градови низ земјава. Се бара линеарно покачување на пензиите. Поддршка сè уште нема од Сојузот на здруженијата на пензионери …

Еднократно или повеќекратно линеарно покачување на пензиите побараа кумановските пензионери кои своето барање го искажаа во просториите на Здружението на пензионери. Тие се приклучија на барањата на граѓаните од останатите градови од земјава, иако немаат поддршка од матичното здружение. Новоформираниот иницијативен одбор побара и претставниците во органите и телата на здружението, да не добиваат надомест за својата работа.
„Сакаме пензиите да бидат покачени до номинално ниво на човечкото и граѓанско достоинство, коешто ќе му гарантира на уживателот на пензијата еден спокоен и мирен живот во ова наше доба кога сме соочени со драстични поскапувања посебно на храната и на лековите како основни егзистенционални потреби“, истакна Љубица Алексовска Костиќ, иницијативен одбор Куманово.
Но и оние кои не се членови на здружението велат дека е неопходно покачување, особено по големиот раст на производите.
На протест денеска излегоа и струмичките пензионери.
Протестите на пензионерите продолжуваат иако Сојузот излезе со препорака статусот да се решава преку институциите. Тие даваат поддршка на барањето за покачување на вистината на минималната пензија и подготвиле предлог кој ќе се достави до Министерството за труд и социјални работи. Потсетија и дека со покачувањето од осум отсто во април и најавеното од шест отсто во септември, пензиите годинава ќе се зголемат за околу 15 отсто. Протестите не ги поддржува ниту партијата на пензионери. Според нив истите се поттикнати од опозицијата. Од МТСП пак велат линеарно усогласување на пензиите е спротивно на законот и не постои ниту во пензиските системи на европските земји. Во земјава бројот на корисници на пензија изнесува над 330.000.
Елена Георгиевска
