Словенија

Во поплавите во Словенија загинаа шест лица, штетите проценети на неколку милијарди евра

08.08.2023 13:17

Во катастрофалните поплави во Словенија загинати се 6 лица, штетите проценети на неколку милијарди евра. Многу области се сè уште поплавени. Се воспоставуваат патни врски. Земјата се бори со последиците од најтешката природна катастрофа во нејзината историја...

Состојбата во Словенија се смирува, постепено се воспоставуваат патни врски. Сè уште постои закана од одрони. Во разорните поплави загинаа шестмина. Реките полека се враќаат во коритото, но подземните води прават проблеми. Земјите од Европската Унија понудија помош и поддршка во опрема, машини и работна сила. Побарани се и хеликоптери, војници и монтажни мостови од земјите на НАТО.

„Европската комисија одобри итна поддршка на Словенија по големите поплави по барањето за активирање на механизмот за цивилна заштита. Веќе Франција, Германија, Австрија, Чешка, Словачка понудија помош и поддршка, хеликоптери, инженерски единици. Претседателката Урсула фон Дер Лајен утре ќе пристигне во Словенија. Во постојан контакт сме со властите за координација на помошта од ЕУ“, изјави Мирјам Гарсија Ферер, портпарол на ЕК.

Словенечкиот премиер информира дека дури и Украина испратила хеликоптер, како што рече, солидарноста навистина нема граници. Продолжува воспоставувањето на електричната и телекомуникациската инфраструктура. Проценките говорат за материјална штета од неколку милијарди евра. Според властите, уништената инфраструктура ќе доведе до преоценување на инвестициските приоритети во земјата.

„На сите ни е јасно дека чистењето по оваа навистина огромна природна катастрофа ќе биде наш главен приоритет. Катастрофата ќе ги промени и нашите приоритети во однос на инвестициите“, изјави Аленка Братушек, министерка за инфраструктура на Словенија.

Илјадници граѓани се евакуирани низ северозападна и централна Словенија. Армијата успеа да воспостави рути за снабдување за итни случаи, но три села сè уште се недостапни. Спасувачките операции се во тек во регионот Корушка, блиску до австриската граница.

 

Маријана Димовска