Политика

Понуден Mанифест за единство

08.08.2023 15:09

На 10 дена до собраниската седница за уставните измени, владејачката коалиција понуди Mанифест – повика на единство за процесот на преговори за членство во Европската унија. Партиите потписнички побараа законодавниот дом да ги усвои уставните измени, а владата и сите надлежни органи за водење на надворешната политика да се држат до позициите утврдени со еден ваков манифест- процесот да биде отворен и транспарентен, идентитетот да сe заштити. Според ВМРО-ДПМНЕ, ваков веќе напишан документ не е начин да се стигне до консензус...

Клучен државен интерес е што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и побрз влез во Европската унија. Поаѓајќи од изразената намера за членство во 2030-та година, ние, политичките партии претставени во Собранието, со своето делување се обврзуваме пристапните преговори да завршат под најповолните остварливи услови и во најкраток можен временски рок, потполно свесни за обврските кои произлегуваат од членството во ЕУ – ова го пишува во Манифестот на политичките партии, застапени во парламентот од владејачката коалиција.

„Собранието да ги усвои уставните измени, за автоматско и безусловно одржување на втората меѓувладина конференција за отворање на преговорите, без дополнителни одлуки од земјите – членки, да се спроведат реформите, партиите да соработуваат и да ги споделат одговорностите и заслугите, процесот да биде отворен и транспарентен“, стои меѓу другото во Манифестот.

Ставот на опозициската партија е дека власта, преку Манифестот уште еднаш ја испуштила шансата за консензус.

Во потпишаниот Манифест, од 11 партии, стои дека Собранието ја задолжува Владата преку државната делегација за преговори со ЕУ, доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара.

 

Миле Ристески