Повеќе од 50 пожари во Битола, засега осомничени нема
Битолската полиција сè уште трага по потпалувачот на пожарот што викендов се закануваше да проголта куќи и детска градинка…

Ридот со шума над населбата Стрелиште на влезот во Битола, изминативе денови, неколку пати континуирано беше потпалуван. Најголем пожар го зафати во саботата. Од противпожарната единица велат дека тоа била една од потешките интервенции заради непристапноста на теренот. Изгоре голем дел од шумата и пламенот се доближи до куќите.
Еден од 10-те пожари кои беа активни во саботата во Битола, сериозно се доближи до куќите и до градинката во населба Стрелиште, за среќа брзата интервенција на пожарникарите, не дозволи објектот да биде опожарен.
Последните 10-ина дена, противпожарната единица со полни раце работа, со 53 интервенции од кои 47 на отворен простор. Сите пожари навремено биле локализирани и не било дозволено нивно проширување, вели заменик-командирот Димкоски. Најчесто се палеле стрништа и ридови со сува трева, ѓубришта и депонии. Како причинител на истите се посочува човечки фактор.
„Па најчесто по искуство од годините наназад пожарите се после 12-13 часот, причината децидно тврдам дека е човечки фактор. Не може некој да ме убеди дека не е, може некогаш да е и елементарна непогода, но човечкиот фактор е најзастапен во палењето на пожарите“, нагласува Горан Димкоски, заменик-командир на ТППЕ Битола.
И покрај информациите кои кружат по социјалните мрежи дека е забележан и снимен на самото место потпалувачот на еден од пожарите, од СВР Битола велат дека до овој момент осомничени нема и дека се преземаат мерки и се утврдува дали пожарите се подметнати или не.
Александра Максимовска
