Уште 11 лица се под надзор

Здравствените власти смируваат, нема простор за паника по вториот случај со конго-кримска хеморагична треска

08.08.2023 16:39

Здравствените власти смируваат – нема простор за паника откако во земјава беше потврден и втор случај на конго-кримска хеморагична треска кај вработена во Инфективната клиника. По направената анкета, уште 11 луѓе се ставени под здравствен надзор. Надлежните не очекуваат да има и други заразени. Болничарката од Инфективна е во стабилна состојба, таа имала контакт со 27-годишната жена од штипско, која беше инфицирана и почина по убод на крлеж…

Болничарката заразена со конго-кримска хеморагична треска е во стабилна здравствена состојба, информира Клиниката за инфективни болести. Параметрите ѝ се следат, но болеста има своја еволуција, првите денови не се тешки, но подоцна може да се влоши состојбата. Болничарката во трета смена се грижела за пациентката од Штип која беше касната од крлеж, а потоа почина.

Болничарката е една од 29 лица кои биле под здравствен надзор поради контакт со штипјанката. Кај неа на деветтиот ден се развила болеста. Државниот санитарен и здравствен инспекторат под надзор стави уште 11 лица, десет члена од семејството на болничарката и една нејзина колешка.

И Комисијата за заразни болести будно ја следи состојбата.

Пациентката од Штип почина на 27-ми јули, откако неколку дена претходно ја каснал крлеж. Конго-кримската хеморагична треска е широко распространета болест која се пренесува преку крлежи. Смртноста достигнува и до 40%.

Наташа Јанчиќ Менковски