Социјала

Пензионерите од Скопје излегоа на протест за поголеми пензии

09.08.2023 14:35

Пензионерите на нов протест. Овојпат пред законодавниот дом, побараа пензиите да бидат во висина на минималната плата, а зголемувањето, наместо во проценти да биде линеарно и да изнесува 3.500 денари. Велат дека протестите продолжуваат се до исполнување на нивните барања. Освен во Скопје, изминатите денови протести се одржаа и во други градови во државата...

Луксуз стана да се купи лубеница, лекови, да се оди на летување – велат пензионерите, кои револтирани од ниските примања излегоа на нов протест. Побараа линеарно зголемување за 3.500 денари и минималната пензија да се зголеми. Порачаа дека нивната борба не е политичка, туку е егзистенцијална бидејќи, како што рекоа, со овие примања не можат да си дозволат пристоен живот.

Според Министерството за труд и социјална политика, протестите на пензионерите се политички обоени. Демантираат дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во криза и дека државата доцни со исплатите кон банките.

„Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21%. Првото усогласување во септември 2022 година беше 6.8%, второто во март 2023 година – 8.4% и моменталната проекција за септември 2023 година, најмалку 6 отсто. Ниту едно од овие зголемувања не ја загрози стабилноста на Фондот, ниту ја наруши редовната исплата на пензиите“, стои во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.

Власта најавува дека наскоро ќе промовира нови мерки и ќе обезбеди достоен живот за највозрасната група граѓани.

 

Викторија Милевска