Манифестот е последен обид за обединување на политичките елити, став на аналитичари од земјава
Последни обиди на власта да и подаде рака на опозицијата за процесот да биде инклузен – вака, дел од аналитичарите го коментираат понудениот Манифест за европските интеграции. Оценуваат дека поддршката за уставните измени ќе значи и предвремени избори. Роковите притискаат, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен...

Манифестот е последен обид на власта да направи инклузивен процес и да подаде рака на опозицијата за да исцрта патоказ за иднината, смета аналитичарот Благојче Атанасоски. Тој вели дека Манифестот треба да ги обедини политичките елити, но во услови кога притискаат роковите, а опозицискиот лидер има тврд став по однос на уставните измени, единствено американската, како што вели – булдожер дипломатија може да ги промени работите во пет до дванаесет.
Аналитичарот Алберт Муслиу е на став – ако ВМРО-ДПМНЕ ги поддржи уставните измени, ќе го забрза и процесот на предвремени избори, но и ќе ја придвижи земјата кон помирни политички води. Според него манифестот промовиран од владејачките партии е добар одраз на сите грижи што ги има опозицијата во однос на преговорите.
Уставните измени ќе се најдат на пленарна седница на 18-ти август, а за да продолжи процесот, за отворањето на највисокиот правен акт треба да гласаат најмалку 80 пратеници.
Анита Димитријевска – Велковска
