Пожарникарите од Струга вклучени во сè повеќе акции

21.05.2014 13:39

Професијата пожарникар не е само гасење на пожар. Таа е многу благородна и хумана работа бидејќи, се интервенира за општото добро, односно секаде каде е во прашање човечкиот живот...

Благодарение на постојаните обуки и тренинзи за дејствување на вода и копно успешно се справуваме со сите предизвици, вели пожарникарот Ристе Талески, кој во Јануари оваа година директно влезе во ладните езерски води со својот колега да го спаси својот сограѓанин. Тој не е само пожарникар, поседува и лиценца како спасувач на вода.

„Јас поседувам лиценца како спасувач на вода, но и преку опптината имаме многу обуки за интервенции на недостапни места, потоа технички интервенции, сообраќајки и слично. Имаме постојани обуки за справување со сите предизвици“, потенцира Ристе Талески.

„Ние освен што сме обучени за пожари имаме и обука две години по ред со нашите колеги од Англија и Франција, па сме обучени комлетно за било какво спасување на луѓе“, рече Минир Мамуди, началник на ППД Струга.

Од општината се прават напори да се обезбедат сите потребни услови за успешно функционирање на оваа единица.

„Оваа година успеавме да излеземе во пресрет со цел да се заврши работата што ја имаат пожарникарите и за прв пат после толку години единицата е екипирана и во поглед на човечки ресурси, а заедно со командирот на противпожарната единица успеавме да ставиме во функција и дел од противпожарните возила“, рече градоначалникот на Општина Струга, Зиадин Села.

„Нашата цел на територијалниот противпожарен дом е освен во случај на пожари да ги спасуваме и помагаме на луѓето и во сите други сегменти каде им е потребна нашата помош“, изјави началникот на Противпожарниот дом во Струга, Минир Мамуди.

Со мерките кои Владата на Република Македонија заедно со територијаните единици во нашата земја ги превземаат за информирање на граѓаните за опасноста од пожари, изминативе две години во Струга тие се намалени за 50 проценти.

 

Јованчо Наумоски