Руско - украински конфликт

Нови напади и меѓусебни обвинувања на релација Русија - Украина

10.08.2023 12:29

Во правец на Москва уништени две беспилотни летала. Киев обвинува за гранатирање на цивилна инфраструктура во Запорожје. Зеленски добива помош од Германија и САД. Москва прстот го впери во Западот - заканите по безбедноста на Русија бараат навремен и соодветен одговор...

Уништени две беспилотни летала во правец на Москва и уште 11 во близина на Крим, тврди Министерството за одбрана на Русија. Ова е втор напад за два дена. Киев го обвини Кремљ за гранатирање станбена зона во Запорожје. Три лица загинаа, деветмина се повредени, меѓу нив и 11-месечно бебе.

„Ова е уште еден циничен удар на окупаторската земја на цивилната инфраструктура на Запорожје. Уништени се црква, продавница, зграда. Повредените се во болница, но нивната состојба може да се промени“, изјави Јулија Баришева, портпарол на државната служба за итни случаи во Запорожје.

Од државната енергетска компанија „Енергоатом“ информираа дека нуклеарката во Запорожје, којашто е под руска контрола, повторно преку ноќ ја изгубила врската со последниот преостанат главен далновод и затоа е поврзана со резервната линија. Гранатирањето во близина на централата ги зголеми стравувањата од нуклеарна несреќа. Зеленски најави нова помош од Германија. Земјата добива дополнителни системи „патриот“.

„Дојде добра вест од Германија, токму тоа што го договоривме со германскиот канцелар Олаф Шолц. Ќе има дополнителни системи „патриот“. Ова е неопходно за заштита на нашиот народ од рускиот терор“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во меѓувреме и САД најавија воена помош од 200 милиони долари во оружје и муниција., Украина го достави својот прв извештај до Вашингтон за употребата на касетна муниција, јавува Си-Ен-Ен. Москва прстот го впери во Западот. Заканите за воената безбедност на Русија бараат навремен и соодветен одговор, рече министерот за одбрана.

„Колективниот запад води посредничка војна против Русија, обезбедувајќи невидена поддршка на марионетскиот режим во Киев. Од минатиот февруари, Украина доби помош од НАТО, ЕУ и нивните партнери, од над 160 милијарди долари. Заканите за воената безбедност на Русија бараат навремен и соодветен одговор“, изјави рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу.

По предлогот на Обединетите Арапски Емирати за организирање средба меѓу Зеленски и Путин на маргините на климатската конференција во Дубаи, Стејт департментот коментира дека одлуката за евентуалната средба, треба да ја донесе Киев.

 

Бојана Крстевски