Македонија

Патната инфраструктура кон Охрид и Струга во очајна состојба

10.08.2023 14:10

Патната инфрастуктура до главните туристички центри во земјава, Охрид и Струга, и оваа сезона потполно небезбедна. Возачите, но и бројните туристи се жалат за состојбата на патиштата. Граѓаните бараат да се забрза изградбата на автопатот Охрид - Кичево која трае цели девет години...

Во ек на туристичката сезона патната инфраструктура до главните туристички центри во земјава, потполно небезбедна. Туристите и возачите на патот кон Охрид и Струга се соочуваат со раскопани небезбедни делници, лоша сообраќајна сигнализација, бетонски бариери и безброј пренасочувања.

Најкритично е околу Подмоље, каде што се дели патот за двата градови. Возачите од регионот, но и големиот број туристи од странство велат патиштата се во очајна состојба.

„Катастрофа, навистина е катастрофа. Дупка до дупка. Вакво нешто не сум видел. Како ќе се тргне од Скопје кон Охрид, сè е лошо“, вели турист од Србија.

„Моменталната состојба е лоша, воопшто нема подобрување. Долги години е овој проблем во двата градови“, вели еден стружанец.

„Патиштата се многу лоши. Од Струга за Охрид навистина лош пат. Многу дупки има на патот и се тресе“, вели гостинка од Англија.

„Патиштата треба да бидат подобри. Овде е слично како во Белгија, патиштата се со нерамнини и дупки“, велат туристи од Холандија.

И велосипедистите од странство, кои патуваат низ повеќе земји велат се чувствуваат небезбедни.

„Единствениот проблем за мене е тоа што честопати колите возат преблиску до мене, а и тие немаат избор. Од Струга има мала велосипедска патека само два километри, сè друго треба да се подобри“, вели велосипедистка од Полска.

Поради изградбата на автопатот „Мајка Тереза“, која трае околу девет години, критично е и од аеродромот „Свети Апостол Павле“ кон двата туристички градови.

На пресекот помеѓу двата туристички центри сè уште стојат бетонските остатоци од времениот импровизиран кружен тек. Токму на ова место, најчесто грешат возачите.

Изградбата на новиот надвозник трае повеќе од три години. Во лоша состојба е целата патна инфраструктура од Дебарца до Подмоље, каде изминативе години се случени десетици сообраќајни несреќи со повеќе жртви.

 

Соња Рилковска