свет

Во Еквадор убиен претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио

10.08.2023 14:33

На само една и пол недела пред предвремените претседателски избори во Еквадор, убиен претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио. Осомничениот починал во полициски притвор по размена на оган со безбедносните сили. Во тек истрага. Загинатиот кандидат на конструктивното движење Вилависенсио, најавуваше борба против криминалот и корупцијата...

Атентат врз кандидатот за претстојните претседателски избори на Еквадор, Фернандо Вилависенсио за време на политички митинг во главниот град. Осомничениот вооружен напаѓач починал во полициски притвор по размена на оган со безбедносните сили. Од еквадорското обвинителство велат дека е во тек истрага за нападот, во кој се повредени девет лица, меѓу кои и еден кандидат за Националното собрание и двајца полицајци.

„Мислам дека беа повеќе од 30 истрели. Од нив, некои го погодија Фернандо. Тој беше застрелан неколку пати. Мафиите знаеја дека Фернандо ќе оди во вториот круг, тие совршено го знаеја тоа затоа што ги видоа анкетите од пред три дена“, изјави Карлос Фигуероа, пријател на починатиот Фернандо Виљависенсио.

Загинатиот кандидат, кандидат на „Конструктивното Движење“, најавуваше борба против криминалот и корупцијата. Претходно оваа недела, министерот за внатрешни работи рече дека седум од осумте кандидати, вклучително и Вилависенсио, се под полициска заштита. Среде бранот насилства во јужноамериканската земја, актуелниот претседател вети дека убиството нема да помине неказнето. Прогласена е вонредна состојба од 60 дена, итна мобилизација на вооружените сили и тридневна национална жалост.

„Овој момент пред сериозноста на фактите, ќе потпишам два декрети, првиот со кој се прогласува тридневна национална жалост и вториот декрет со кој 60 дена, оружените сили се мобилизирани низ целата територија за безбедноста на граѓаните, спокојството на земјата и слободните и демократски избори да се одржат на 20-ти август како што ги планира националниот изборен совет“, изјави Гилермо Ласо, претседател на Еквадор.

Атентатот доаѓа во време кога Еквадор се бори со влошена безбедносна криза поттикната од шверцот на дрога и војната меѓу ривалските криминални организации. Во јули, градоначалникот на пристанишниот град Манта, беше застрелан заедно со млада спортистка со која разговараше на улица. Земјата исто така ја изгуби контролата и врз преполните затвори, со кои често управуваат криминални банди.

 

Маријана Димовска