Фестивал на документарен филм

„Македокс“ од 17-ти до 24-ти август под мотото „Пресечи“

10.08.2023 15:08

Од 17-ти до 24-ти август ќе се одржи фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Организаторите најавуваат богата фестивалска програма. Во фокусот на фестивалот ќе биде монтажата на документарниот филм, по тој повод ќе се организира работилница со дански монтажер и критичар. „Македокс“ ќе се одржи на четири локации во градот.

Под мотото „Пресечи“, од 17-ти до 24-ти август ќе се одржи фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Организаторите најавуваат богата фестивалска програма со повеќе од 100 странски гости. Отворањето ќе биде со филмот „Танцувајќи ја Пина“. Најавени се премиери на повеќе македонски филмови.

„Особено сме горди што оваа година ќе имаме и македонски премиери. Тука е за нас значајниот филм „Боди“ на нашата колешка и режисерка Петра Селишкар. Филмот е словенечко-македонска-хрватска продукција и деновиве во Сараево ќе има светска премиера“, изјави Петрула Вељановска, дел од програмскиот тим на „Македокс“.

Во фокусот на фестивалот ќе биде монтажата на документарниот филм, по тој повод ќе се организира работилница со дански монтажер и критичар. „Македокс“ ќе се одржи на четири локации во градот.

„Повторно сме во Старата чаршија, повторно сме и во Даут-пашиниот амам благодарение на поддршката од Националната галерија. Многу нè радува што по 14 години успеваме да влеземе во, за нас, нов простор и со разбирање од деканската управа на Факултетот за ликовни уметности ќе имаме проекции во Сули-ан. Сакаме да ставиме акцент на важноста на чаршијата, да не го изгубиме тоа културно јадро и да го негуваме со што повеќе култура во самата чаршија“, изјави Дарко Набаков, извршен директор на Фестивалот.

Програмата на „Македокс“ е на официјалната електронска страница на Фестивалот.

 

Андријана Ѓурческа