Здравство

Заболената болничарка со конго-кримска треска е во стабилна состојба, почна да го прима лекот „Рибавирин“

10.08.2023 16:14

Заболената болничарка со конго-кримска треска е во стабилна состојба и од денес почна да го прима лекот „Рибавирин“, кој лекува од тешки форми на болеста, изјави директорката на инфективната клиника, Стевановиќ. Таа вели дека при лекувањето се водат од светските искуства. Ги демантираше изјавите дека властите задоцниле со набавка на лекот и тврди дека животот на 27-годишната жена од штипско не можел да биде спасен…

Лекарите од инфективната клиника решиле од денес болничарката со конго-кримска хеморагична треска да го прима лекот „Рибавирин“. Пациентката е во стабилна здравствена состојба и под постојан лекарски надзор. Како што велат лекарите, вирусот има непредвидлив тек и покрај долгогодишно работно искуство на лекарите, првпат се среќаваат со оваа болест.

Директорката на Инфективна вели дека ниту една земја нема ваков лек на залиха, земјите и организациите си помагаат кога ќе се јават вакви случаи. Во моментот кога кај нас е потврдена првата инфекција, ниту една земја од регионот, каде претходно се јавувала оваа болест, го немала лекот.

Според Стевановиќ и со „Рибавирин“, немало помош за пациентката од Штип бидејќи била примена на клиниката во крајно тешка состојба. Денеска завршува 14- дневниот епидемиолошки надзор на 28- мината кои беа во контакт со штипјанката. Од нив единствено болничарката на инфективна која се грижела за неа се разболе од конго-кримска хеморагична треска. Под епидемиолошки надзор остануваат 11 лица.

Наташа Јанчиќ Менковски