Македонија

Куманово град со најголема бучава во земјава

11.08.2023 11:15

Десетина пријави за надминување на дозволените гранични вредности на бучавата регистрира секторот за инспекциски надзор во Куманово. Оваа општина е на врвот на листата на градови во земјава по бучава. Најзастапена е комуналната бучава, предизвикана од сообраќајот, угостителските и верските објекти...

Куманово е град со највисока бучава во земјава, покажа извештајот за квалитет на животната средина на Министерството за животна средина и просторно планирање. Зголемување на нивото на бучавата е регистрирано на сите мерни места. Градот е дури и рекордер во однос на екстремната бучава, која е за дури 50 отсто повеќе од дозволеното. Највисока вредност на бучавата, вообичаено се мери на најголемите сообраќајници во централното подрачје во вечерните часови.

Од Секторот за инспекциски надзор информираат дека за само два дена, кумановци поднеле десетина пријави. Повеќето се однесуваат за работата на угостителските објекти, но и од музиката при организирање веселби. Реакциите, велат, се најчесто за нарушување на јавниот ред и мир по 23 часот. Општината претходно ги повика граѓаните да пријават бучава.

„Ќе се интензивираат надзорот, иако имаме и редовни надзори. Ќе провериме колку се почитуваат. Ако не се почитуваат, ќе дадеме препорака за одземање на дозволите“, изјави раководителот на секторот, Бобан Бојковски.

Експертите велат, за надминување на овој проблем неопходна е реорганизација на инспекциските служби и заеднички настап.

„Граѓаните не ги интересира кој е надлежен, туку само да се реши проблемот. Се случува граѓаните да се деморализираат откако ќе пријават и ќе им се посочи дека за некои пријави не е надлежен одреден орган“, додава Бојковски.

Активистите за животна средина со години бараат и општината да изработи студија со конкретни мерки за надминување на овој проблем. Лекарите, пак, укажуваа дека бучавата може да предизвика сериозни здравствени проблеми.

 

Елена Георгиевска