Македонија

МВР работи со полн капацитет, се закажуваат термини за нови документи

11.08.2023 12:56

По неколку часа граѓаните се обидуваат да закажат термин за лични документи. Операторите не можат да постигнат, листите на чекање долги. Од МВР велат, има доволно време за да се направи замената, најавија, ако има потреба ќе има дополнителни капацитетити за итна постапка...

Граѓаните ги вжештија телефонските линии во обид да закажат термин за издавање лични документи. Операторите не можат да постигнат да одговорат веднаш на сите повици. Телефонскиот број за закажување или веднаш го одбива повикот или сигналот прекинува по неколкуминутно чекање, со надеж дека некој ќе одговори.

Долгите листи на чекање за обнова на пасошите, личните карти и возачките дозволи, принуди дел од граѓаните алтернатива да бараат во термините по брза постапка кои се повеќекратно поскапи.

Од МВР велат дека има доволно време за да се направи замената, а во случај на итност, ќе се зголемат капацитетите за да можат сите граѓани да ја завршат постапката.

Обновата на документите граѓаните ја плаќаат по нови, зголемени цени, па така за лична карта треба да издвојат 310, а за возачка дозвола 410 денари. Пасошите за лица над 27 години чинат 2.000 денари. Овие цени се зголемуваат и за износот кој треба да се плати за административна такса.

 

Анита Димитријевска