Пожарот на островот Мауи однесе над 50 жртви
Над 50 загинати, очајничка потрага по илјадници исчезнати во катастрофалните пожари во Хаваи. Огнените јазици проголтаа голем имот на туристичкиот остров Мауи. Белата куќа најави финансиска поддршка за обнова...

Пустелија од избришани населби и знаменитости, јагленосани објекти до непрепознатливост, ова е сликата од островот Мауи по катастрофалните шумски пожари. Преживеаните раскажуваат приказни за брзо бегство од пламените јазици. Пожарот однесе десетици животи и принуди илјадници луѓе да се евакуираат. Туристите веќе го напуштаат островот. Вонредната состојба е во сила за целата држава до крајот на месецот.
„Можевме одблизу да го видиме пустошот. Сега сѐ целосно исчезна, се е изгорено. Рекоа дека не очекуваат да имаат струја во скоро време“, Рик Кру, евакуиран турист.
„Нашите срца дефинитивно се со сите оние кои изгубија се, нивното семејство, своите домови“, Блесинг Енекве, евакуирана туристка.
Администрацијата на Бајден одобри декларација за катастрофа на Хаваите, отворајќи го патот за федерална помош која вклучува грантови за привремени станбени објекти, заеми за покривање на оштетениот неосигурен имот и други програми за жителите и бизнисите кои претрпеле загуби од пожарите.
„Имаше чад насекаде и стануваше се погуст. Гореа автомобилите, станбените комплекси. Гледајќи нагоре по ридот, ги снема сите домови, сите згради се уништени. Изгледа како воена зона“, изјави Тифани Кидер Вин, сопственичка на бизнис во Лахаина.
Властите велат дека ќе сторат се за да ја обноват земјата.
„Излеговме овде за да ги поддржиме напорите за гаснење пожари. Ужасно е ова што се случи“, изјави Ентони Даудел од Националната гарда на Хаваи.
„Она што го видовме беше катастрофално. Но, ви кажуваме дека ќе има тимски напори за да ја вратиме нашата држава“, изјави Џош Грин, гувернер на Хаваи.
„Ни треба вашето трпение. Ни требаат вашите молитви. И ни треба вашата упорност. Знам дека немате некои од залихите, немате струја“, изјави Џон Пелетиер, полициски оддел на округот Мауи.
Причината за шумските пожари во Мауи допрва треба да се утврди, но Националната метеоролошка служба соопшти дека тие биле поттикнати од сувата вегетација и силниот ветер.
Маријана Димовска
