Политика

На една недела до седницата за уставни измени, власта и опозицијата со непроменети ставови

11.08.2023 14:12

Нема сигнали дека власта и опозицијата ги приближиле позициите. СДСМ во понудениот Манифест, гледа последна шанса за ВМРО-ДПМНЕ да фати приклучок во процесот. Според партијата на Мицкоски, власта нема двотретинско мнозинство и затоа бара консензус…

На една недела пред собраниската расправа за потребата од носење на уставни измени, власта и опозицијата секој на своја страна. Едните велат – потпишете го манифестот, другите прашуваат каде е декларацијата за Илинден. Вмро-ДПМНЕ останува на ставот дека уставни измени нема да поддржат, притоа одговарајќи на последните коментари од Таравари и амбасадорката Агелер во однос на меѓупартиски договарања и можноста за нова преговарачка рамка, која Агелер ја оцени како лажна вест.

Владејачката коалиција бара поддршка за објавениот манифест и за уставните измени. Декларацијата за „Илинден“, СДСМ ја поднесе во Собранието уште на 28-ми јули. Согласно собраниските процедури ќе се најде и пред пратениците, велат од СДСМ.

„Со поддршката на Манифестот и на уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на дело ќе покажат дека се за европската иднина на државата. Во спротивно, ќе покажат дека сите оние декларативни заложби за ЕУ, биле само обичен блеф пред граѓаните, пред домашната и меѓународната јавност. Мицкоски и ДПМНЕ ја имаат, можеби, последната шанса да се престројат на страната на државните и националните интереси“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Првата пленарка за уставните измени е закажана за 18-ти август.

 

Миле Ристески