Македонија

Пензионерите повторно на протест, бараат повисоки пензии

11.08.2023 14:46

Пензионерите продолжуваат со протестите. Бараат линеарно зголемување на пензиите. Најавен е и генерален протест в понеделник во Скопје. Од Сојузот велат по годишните одмори ќе разговараат со власта, според претседателката Трајкова се прават пресметки најниската пензија да се определи врз основа на просечната плата. Проблемите се решаваат со дијалог – порача министерката Тренчевска...

Сојузот на здруженијата на пензионерите прави математики за утврдување минимална пензија, којашто би се определила врз база на соодветен процент од просечната плата. Планираат по годишните одмори, за ова да разговараат со власта. Ќе предложат и поголем број пензионери да бидат ослободени од здравствена партиципација. Според претседателката на Сојузот, протестите се легитимно право, но вели, потребно е објективно да се гледа на ситуацијата.

Додека Трајковска планира разговори со власта, во повеќе градови се одржуваат протести со барање за линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари.

Министерката за труд и социјална политика Тренчевска е со став дека проблемите се решаваат со дијалог, а не со протести. Пензионерите кои излегоа на улица, пак, за в понеделник најавија собир пред ресорот што таа го предводи.

 

Игор Панов