Имотот на Мијалков ставен на лицитација
Станови во Охрид од 65 и 114 квадратни, земјиште на Кожуф-ова е дел од запленетиот имот на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков што е понуден на лицитација. Јавното наддавање е закажано за 25-ти август. Ваквата постапка следува откако поранешниот прв човек на тајната полиција призна вина и се спогоди за случајот „Империја“. Вкупно му е одземен имот од речиси 30 милиони евра…

Два стана во Охрид и земјиште на Кожуф-дел од недвижниот имот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, запленети во случајот империја, е ставен на аукција. Јавното електронско надавање е закажано за 25-ти август. За недвижностите ќе можат да се наддаваат сите физички и правни лица. Од Агенцијата за одземен имот велат дека доколку се јави само еден понудувач, јавното надавање нема да се одржи. Од продажбата на имотот во буџетот на земјава треба да влезат половина милион евра.
„На овој оглас имаат право да учествуваат сите граѓани на Република Северна Македонија и правни и физички лица кои ќе ги исполнат условите. Се подразбира дека ќе треба да дадат 10 насто од цената којашто е веќе проценета од страна на бирото за судски вештачење при Република Северна Македонија“, изјави Дритон Небиу, директор на Агенцијата за одземен имот.
Станови, апартмани, земјоделски и градежни парцели се дел од имотот кој Мијалков го даде за да добие помала казна затвор во случајот „Империја“, со признавањето вина. Осуден е на три години затвор, со конфискација на имот и акции во вредност од над 30 милиони евра. Сите ќе се најдат на лицитација.
Андријана Ѓурческа
