Иванов на средба со папата Франциск: Односите меѓу Македонија и Светата Столица се добри

21.05.2014 15:00

Иванов и папата Франциск, јавува репортерот на МРТ, разговараа за состојбите во христијанството, релациите на Македонија и Ватикан, кои годинава одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и за прашања од историјата, филозофијата и секојдневието...

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Ватикан на аудиенцијата кај папата Франциск. Разменети мислења за односите меѓу Република Македонија и Светата Столица. Иванов и папата Франциск констатирале дека тие се добри. Во македонската делегација се и министрите за надворешни работи и за образование, Попоски и Ристовски, и претседателот на Комисијата за односи со верските заедници Валентина Божиновска.

На средбата, Иванов и папата Франциск, јавува репортерот на МРТ, разговараа за состојбите во христијанството,  релациите на Македонија и Ватикан, кои годинава одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и за прашања од историјата, филозофијата и секојдневието.

„Средбата со неговата светост помина во многу конструктивен дух. Имавме навистина содржајна средба, на која се потенцираше дека годинава по 46-ти пат се одбележува манифестацијата од страна на  македонската делегација и дека се совпаѓа со одбележување 20 години од  воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Македонија и Ватикан“, изјави по средбата  претседателот Иванов.

Со  папата Францис,  посочи Иванов, разговаравме за тоа како да ги негуваме во Македонија вредностите кои се и основа на христијанството, односно почитта на другиот, дијалогот меѓу луѓето и желбата за постигнување мир и сплотеност меѓу луѓето во нашата држава, како и секаде во светот, како мисија што ја промовира и Неговата светост.

Иванов и папата разговарале и за отворање на архивите во Ватикан. Шефот на државата се сретна и со државниот секретар на Светиот Престол, Монсињор Пјетро Паролин.

Во Италија, Иванов ќе има билатерална средба со италијанскиот колега Џорџо Наполитано, а ќе одржи и предавања на универзитетот „Федерико Втори“ во Неапол  и на Институтот на Франко Фратини.

Во културната програма за чествувањето на „Свети Кирил“ се изложбата „Словенски ракописи од Македонија од 13-от до 19-от век и изведба на балетската претстава „14 часа“ во театарот „Курино“.

Црковната делегација ја предводи  поглаварот на Македонската православна црква, Охридска Архиепископија господин господин Стефан, а во нејзиниот состав се и претставници на МПЦ и на Католичката црква во Македонија.