По два месеци суша, водата потече по системот „Макарија“
Водата за поливање по два месеци суша потече низ системот „Макарија“ за Градско и Росоман. Но последиците по овошките ќе се чувствуваат со години, предупредуваат овоштарите …

Земјоделските култури од Росоман и Градско по два месеци суша, добија вода за поливање, повторно низ кракот на „Макарија“ две седмици тече вода. Според Владата системот бил саниран во најбрз можен рок во најголемата хаварија од водостопанската инфраструктура досега во Македонија. Тие честитаа на сите што беа дел од решавањето на овој тежок и комплексен проблем. Но последиците од тоа што земјата остана сува од 27-ми мај до 30-ти јули, долго ќе се чувствуваат, предупредуваат овоштарите.
Некои од нив планираат да ги копачат овоштарниците, оти ќе било поисплатливо. Наместо да се купуваат дрва за огрев, да го користат дрвото од праската. Овоштари ја покажуваат разликата помеѓу праски кои биле наводнувани и тие што не биле. Како и кајсиите кои тежеле од род, но поради сушата беа полегнати по земја. Жителите на Сирково реагираат што само 5 отсто од расадот на домати и пипер пролетва се зафатил, поради сушата дури 95 морале да го фрлат.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски најави дека за земјоделците од Росоман и Градско предвидуваат обесштетување за настанатите штети на овошните насади поради дефектот на системот за наводнување „Макарија“, Локалните власти од двете општини, треба да формираат општинските комисии за проценка на штетите а потоа врз основа на тие податоци Владата, ќе донесе одлука за обесштетување.
Петар Печков
