Бактериолошки неисправна е водата од пелистерските чешми, велат од ЦЈЗ Битола
Центарот за јавно здравје Битола, редовно го следи квалитетот на водата за пиење од планинските чешми, според кварталните програмски активности направено е испитување на водата од 15 планински чешми, кај 100% од анализите забележано е присуство на бактеријата „ешерихија коли“ и други бактерии, кои претставуваат голем епидемиолошки ризик по здравјето на луѓето. Од Националниот парк „Пелистер“, во чија надлежност се чешмите, велат дека постапуваат по препораките на ЦЈЗ и се работи на подобрување на квалитетот на водата …

Во сезона кога посетеноста на преубавиот национален парк „Пелистер“ е најголема, на посетителите им е скратена можноста да ја изгасат жедта со чиста планинска вода. Според последните анализи на ЦЈЗ, во водите од планинските чешми забележано е присуство на бактерии, кои се индикатори за фекално загадување. Консумацијата на оваа вода, претставува голем епидемиолошки ризик по здравјето на луѓето.
„Земени се вкупни 15 примероци, 100% од испитаните примероци се бактериолошки неисправни. Кај сите примероци изолирани се „ешерихија коли“ и колифорни бактерии“, вели д-р Емилија Богоевска, специјалист по хигиена од ЦЈЗ Битола.
Причините за таквото загадување, се должат на дотраеноста и оштетеноста на каптажите на чешмите, велат од Центарот, додаваат дека е потребно неколку пати во годината да се врши механичко и хемиско чистење на истите. Дополнителен проблем се и дел од подпелистерските села кои немаат канализација.
Од Нациоланлниот парк, во чија надлежност се чешмите, пак велат, дека ги спроведуваат препораките од Центарот, досега двапати е извршено прочистување на водата, доколку е потребно акцијата ќе се повтори.
„Се исчистија каптажите, супстанца во форма на ампула на апче, врз база на хлор, и сега беше пред 4-5 дена второ чистење“, изјави Зоран Пројчевски, шумарски инженер во Национален парк „Пелистер“.
Д-р Богоевска, со препорака до сите посетители на планинските-туристичко излетнички места-да не се пие водата од планинските чешми, оние кои сакаат да го посетат Пелистер, со себе да си понесат шише со вода.
„Водите се катастрофални, најубавите чешми што беа, сега се неупотребливи“, велат дел од граѓаните.
Александра Максимовска
