Главниот град презаситен од информатичари, потребни се во помалите градови

21.05.2014 15:09

Подолг период Владата прави реформи за да ги стимулира младите да се запишуваат на факултетите за технички науки. Секоја година се зголемуваат квотите на овие насоки, а тоа се покажа како успешна приказна. Голем број странски компании од оваа бранша нудат повисоки плати...

Главниот град е презаситен од информатичари. Компаниите се пренасочуваат и во помалите градови и објавуваат огласи преку кои бараат компјутерџии. Една од нив веќе преку конкурс бара 400 лица за десет помали градови во државава. Таму велат надлежните има дефицит на квалификуван кадар.

„Тоа ќе ни биде една од активностите на идната краткорочна стратегија што министерството за информатичко општество и администрација во соработка со приватниот сектор и академиите ќе ја направи за да извадиме повеќе експерти, повеќе способни информатичари во помалите средини, бидејќи можеме да видиме дека се поголем број комании излегуваат од Скопје и се трудат да отворат канцеларии во помалите средини“, изјави министерот Иво Ивановски.  

Информатичките науки се предизвик за младите. Најголем број од невработените во земјава и светот се млади. Мајкрософт нуди обуки кои ќе помогнат на младите луѓе да ги реализираат своите потенцијали, да најдат вработување или да започнат свој бизнис.

„Една од тие програми е имплементација на Офис 365 на студентите ширум државата, таа е платформа која ќе овозможи на младите луѓе да комуницираат, соработуваат меѓу себе со научните организации, бизнисите итн“, вели генералниот менаџер на Мајкрософт за Македонија, Стефан Плавјански. 

Владата донесе одлука да се формира факултет за информатички комуникации и технологии во Битола. Агенцијата за вработување нуди доедукација на сите невработени граѓани кои сакаат да се стекнат со познавање на комјутерски вештини.

Андријана Атанасовска