Тетово

Реакции по посетата на косовскиот премиер во Тетово

12.08.2023 17:28

Знаме на таканаречената голема Албанија синоќа се вееше на тетовскиот плоштад каде се организираше прослава по повод пристигнувањето во Тетово на косовскиот премиер Албин Курти. Градоначалникот на Тетово Билал Касами се огради од инцидентот, од СВР Тетово велат дека работаат на случајот. Со реакции се јавија голем дел од македонските политичари …

Во Тетово знаме на голема Албанија на прослава која ја организираше локалната самоуправа. Знамето се вееше над главите на Касами, неговиот гостин од Косово Албин Курти, како и челниците на албанската опозиција Изет Меѓити предводник на новата партија Демократско движење и претседателот на Алтернатива Африм Гаши. Околу нив десетици албански и косовски знамиња.

Касами во телефонски разговор се огради од настанот. Вели дека тој организирал пречек кој ја означува соработката со Косово и дека нема информација за истакнување на знаме. Нè упати да се обратиме до надлежните институции. Од СВР Тетово пак информираа дека работаат на идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот.

Околу вчерашниот инцидент пристигнаа бројни реакции од македонските политичари, кои прашаа за каков соживот и взаемно почитување зборуваме. Побараа институциите да постапат согласно овластувањата.

Од Обединетата македонска дијаспора, со реакција на вчерашната посета Албин Курти. Побараа македонската влада да го прогласи за персона нон грата.

„Курти без покана на ниту еден државен претставник, во заедништво со албанската опозиција и владина партија направија културен пуч во Македонија, прогласувајќи победа на албанскиот народ на сите територии на бивша СФРЈ“. ОМД бара од македонската Влада, да разговара отворено и сериозно со албанскиот блок за овој тотално недржавнички чин, враќајќи ги сите обележја, имиња на улици, корегирајќи ги сите албански знамиња во согласност со Уставот на Република Македонија и постапување согласност законите“, соопштија од ОМД.

Пред влезот на Тетово вчера косовскиот премиер Албин Курти беше пречекан само на албански јазик со пораката „Добредојдовте во Тетово премиере“.

Курти кон шарпланинските села по пат беше поздравен со декорација од знамиња, но никаде го немаше македонското знаме. Преовладуваа општинското знаме како и знамето на Албанија и Косово, но и по некое знаме на САД.

 

Зоран Димовски