Македонија

Противпожарните единици во Гевгелија и Валандово добија нови возила, до крајот на годината и Струмица

13.08.2023 10:44

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со прекуграничен проект со соседна Грција набави по едно противпожарно возило за единиците во Гевгелија и Валандово. До крајот на годинава возило ќе добијат и струмичките пожарникари. Станува збор за проект кој се финансира од фондовите на ЕУ …

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамките проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи“ финансиран од ЕУ, набави две противпожарни возила за пожарникарите во Гевгелија и Валандово. Гевгелиското друштво доби специјализиран мал камион за гаснење шумски пожари и спасување додека единицата од Валандово доби пикап возило. Во рамките на овој проект ќе се набавува уште едно ново противпожарно возило за струмичката единица.

Со проектот до крајот на годинава се очекува да бидат набавени и три термални за детектирање пожари на тешко достапни места. Дронови за лоцирање на шумски пожари ќе добијат противпожарните единици на Струмица, Радовиш и Гевгелија.

Минатата година Центарот за развој на Југоисточниот плански регион исто така со средства од ЕУ набави заштитна облека и опрема против шумски пожари за сите четири противпожарни единици во Југоистокот и 120-те пожарникари кои работат во нив.

 

Ване Трајков