Македонија

Зголемена посетеноста на битолскиот „Завод и музеј“, најчести посетители Турците

13.08.2023 12:48

Значително зголемена посетеност бележи битолскиот Музеј во однос на претходните години. Најбројни се посетителите од Турција, а најголем е интересот за посета на спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк. За разлика од странските, интересот на нашите граѓани за посета на овој музеј не е на задоволително ниво, повеќето од нив го немаат воопшто посетено …

Битолскиот музеј еден од најпосетуваните во земјава, посетителите се фасцинирани од богатата музејска поставка со повеќе од 2.000 експонати велат од Музејот, додаваат дека е посетуван, преку цела година, но значително зголемување на бројот на туристи се забележува во овој период.

Во летните месеци зголемена е посетеноста на „Завод и музеј“ Битола, најчести посетители се туристите од република Турција.

Покрај пристапната понуда во склоп на балканските тури, од „Завод и музеј“ Битола велат дека причината поради која Турците најмногу ја посетуваат Битола, се местата и обележјата кои историски се поврзани со нивното минато, како и можноста да се посети спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк, која постои од 1998 год. и којашто многу од посетители емотивно ја доживуваат.

„Кога ќе дојдат во Битола прво го посетуваат музејот, меморијалната соба на Мустафа Кемал Ататурк, голем е интересот и на нашата постојано поставка која е на светско ниво“, изјави Наташа Христовска Трајчев.

За разлика од странските туристи и нивниот интерес за посета на Музејот, нашите граѓани речиси и да не знаат каде се наоѓа Музејот.

„Досега не, не го имам посетено“.

„Не сме биле не. Ако ме одведе некој, не знам ни кај се наоѓа“.

„Во Музејот не, немам појдено“.

„Пред 3-4 месеци“.

„Не. Не знам ни кај се наоѓа“, се дел од изјавите на граѓаните.

Оваа година покрај многубројните посетители од Турција, „Завод и музеј“ го имаат посетено и туристи од европските и скандинавските земји, од Мексико, Португалија, Шпанија, како и повратници од Австралија.

 

Александра Максимовска