Претседателот Пендаровски со реакција по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти
Претседателот Пендаровски со реакција за посетата на премиерот на Косово Курти. Истакнувањето провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи, претставува разгорување на етничката омраза и го поткопува концептот на Македонија како мултиетничка држава. Бара организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир да бидат санкционирани...

По повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти, претседателот Пендаровски испрати реакција.
„Истакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор како и концептот на Македонија како мултиетничка држава.
Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки.
Начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата. Во таа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство, кој треба да ги вклучува и гласовите на заедниците кои не се во мнозинство во таа општина“, стои во реакцијата од претседателот.
