Хаваи

Грин: Бројот на загинати во пожарите ќе расте

13.08.2023 13:19

Расте бројот на загинати во катастрофалните пожари на Хаваите. Црниот биланс се искачи на 89 настрадани, а сè уште се трага по илјадници исчезнати. Проценката е дека ова е најголемата катастрофа која ги погодила сад во последниот век...

Гувернерот на Хаваите Џош Грин изјави дека бројот на жртвите од шумските пожари ќе расте. Ги опиша пожарите како најлошата природна катастрофа во историјата на Хаваите, надминувајќи го цунамито од 1960 година во кое загинаа 61 лице. Според полицијата, пожарите не се целосно локализирани и исчистени.

„Ретко е да се види ова ниво на раководство на владата сите заедно. Во контакт сме на највисоко ниво за да помогнеме да закрепнеме и да помогнеме во заздравувањето како заедница. Составивме работна група за привремено домување, која ќе работи со нашите федерални партнери. Ова е најголемата природна катастрофа што некогаш сме ја доживеале“, изјави Џош Грин, гувернер на Хаваи.

„Гувернерот работеше многу напорно за да најде хотелско сместување. Потоа ќе работиме на долгорочно обновување, како сакаме да изгледа оваа заедница во иднина и како да го направиме тоа. Секако и како да бидеме поотпорни на идните тешки временски услови што и понатаму ги гледаме како резултат на климатските промени“, изјави Дин Крисвел, администратор на ФЕМА.

Смртоносните шумски пожари претворија во пепел стотици домови. Сè уште има прекини во телефонската комуникација. Се проценува степенот на штетата во Лахаина, град со околу 13.000 жители. Луѓето бараа места за сместување. Преживеани се бараат со кучиња трагачи.

„Искрено, мислев дека прилично добро се справувам со тоа првите неколку дена. Но, тогаш некои од моите пријатели почнаа да велат, знаете кој сè уште го нема? Тоа ме погоди многу“.

„Тешко е. Не знам како да се справам. Изгубив сè. Се чувствувам многу лошо за другите семејства. Навистина е лошо. Беше многу лошо.“

„Сите се чудеа каде да одат. Или ќе изгорите и ќе ризикувате па може и да се удавите. 200 или 300 луѓе скокнаа во водата со своите деца. Автомобилите експлодираа. Изгубив пријатели. Има луѓе што сè уште не сум ги видел.“

Уништени се околу 2.000 објекти – речиси сите станбени. Девет чамци потонаа во пристаништето Лахаина. Потребно е засолниште за околу 4.500 лица, објавено од Федералната агенција за справување со кризи и Центарот за катастрофи на Тихиот Океан.

Уште посмртоносното цунами во 1946 година, кое уби повеќе од 150 луѓе на големиот остров, поттикна развој на систем за итни случаи на целата територија со сирени кои се тестираат на месечно ниво.

 

Марина Ристова