„Храбро срце“ бара да започне трансплантација на срце кај лицата со механичка пумпа
Владата да обезбеди авион за превоз на стручни лица од странство и да започне трансплантација на срце кај пациентите со механичка потпора. Ова е пораката на Националното здружение „Храбро срце“ на одбележувањето на Денот на органодарителството. Пред неколку години во земјава беа 25 пациенти со механичка пумпа, но бројот се намалува, денес останаа десетина, на кои единствената надеж им е што поскоро трансплантација на срце …

Да започне трансплантација на срце кај пациентите со механичка пумпа. Со оваа порака Националното здружение „Храбро срце“ денеска го одбележува Денот на органодарителството. Пациентите со вградена механичка циркулаторна потпора, со години чекаат трансплантација, но доколку се најде соодветен донор, државата треба да обезбеди владин авион за да се донесат стручни лица од странство, кои ќе ја изведат операцијата.
Со години добиваат само ветувања, а досега не е извршена ниту една ваква трансплантација во земјава.
„Тоа е возможно со ставање во функција на владиниот авион бидејќи за трансплантација имаме време само три-четири часа а за толку кусо време од Словенија, Германија или Хрватска би можело да пристигне доктор само со авион. А таква можност може да ни пружи владата со коишто имаме разговарано со членови на владата“, вели Васко Јолески, претседател на НЗ „Храбро срце“.
Пред неколку години беа 25 пациенти со механичка пумпа, но бројот се намалува, денес останаа десетина. Во Охрид и Струга има две лица, едниот на 38-годишна а другиот на 31-годишна возраст, и двајцата четири години чекаат ваков оперативен зафат.
„Времето истекува, овие уреди никако не може да се претстават како што сакаат да ни ги претстават како трајна дестинација. Може да се трајна дестинација за лица кои навршиле 65 години и кај кои трансплантација е невозможна а за помлади луѓе во светот веќе е практика прво да се постави пумпа мост до трансплантација а потоа се оди на трансплантација“, додава Јолески.
Врзани со механичка пумпа 24 часа, овие луѓе се комплетно зависни од напојување, батериите, каблите и струјата, им значат живот. Тие се секојдневно изложени на ваков животозагрозувачки ризик, а единствената надеж им е трансплантација на срце.
Соња Рилковска
