22 години Охридски рамковен договор
22 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Премиерот Ковачевски вели дека Северна Македонија е држава пример за функционална, одржлива мултиетничка демократија којашто практикува европски вредности. Според лидерот на ДУИ, за да се заврши процесот на еднаквост и интеграција мора да се направи последниот чекор-уставните измени. Од ВМРО-ДПМНЕ порака-за да има иден прогрес партијата на Ахмети треба да оди во опозиција...

Охридскиот рамковен договор донесе мир и овозможи континуиран развој на општествената кохезија и на европскиот концепт на обединетост во различностите – напиша премиерот Ковачевски на Фејсбук по повод 22-годишнината од потпишувањето на документот со кој се стави крај на воениот конфликт во 2001-та. Првиот човек во Владата оценува дека државата денеска е пример за функционална, мултиетничка демократија којашто практикува европски вредности.
Ние сме општество кое гарантира еднакви права и обврски за сите етнички заедници, за сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници кои оваа земја ја сметаат за свој дом. Дом кој ќе продолжиме да го градиме во духот на меѓусебна грижа и посветеност. Нашата татковина е Европа во мало, а почитувањето на различностите е нашата предност, на што сме особено горди – напиша Ковачевски.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети испрати повик за обединување и единство околу европската интеграција. Сега кога земјата е членка на НАТО, не треба да се испушти историската шанса за обезбедување на иднината, смета Ахмети. Побара од пратениците да се усвојат уставните измени.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа дека е редно, по 22 години, неговата партија да замине во опозиција.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13-ти август 2001-та година, а потписници беа поранешниот претседател Борис Трајковски како и лидерите на најголемите политички партии Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Имер Имери и Арбен Џафери.
Анита Димитријевска – Велковска
