Тетово: Трагедија по матурска прослава

21.05.2014 16:07

Еден матурант загина, а уште четворица се повредени во сообраќајната несреќа која утрово се случила во Тетово. Како што дознаваме, петмината се враќале од прослава на матурската вечер. Познавачите апелираат и натаму да се работи со младите, но и со нивните родители за да се внимава со управувањето автомобили и конзумирањето алкохол токму по матурската вечер...

Матурската прослава заврши трагично за петмина матуранти од тетовско. Во сообраќајна несреќа загина 19 годишник од Теарце, а уште четворица се повредени.

Со тешки повреди во тетовската Клиничка болница е примена неговата 19 годишна сопатничка од Порој, која веднаш е префрлена на Скопска клиника.

Во автомобилот биле уште тројца нивни врсници од Тетово, Пршовце и Теарце кои со полесни повреди по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување.

Несреќата се случила на клучката после патарината на влезот во Тетово од страната на Гостивар.

Утрово околу 6 часот и 30 минути сега веќе загинатото момче кое управувало со возилото, изгубило контрола и излетало од коловозот, а автомобилот се превртел. Од добиените повреди набрзо починало.

„СВР Тетово непосредно пред одржувањето на традиционалните матурски прослави во неколку наврати апелираше до матурантите да се воздржат од користење возила. Меѓутоа за жал нашите апели до некои очигледно не допреа“, изјави Маријан Јосифовски – Портпарол на СВР Тетово.

Причините за оваа сообраќајна несреќа сеуште се истражуваат. Познавачите сметаат дека родителите често им ги отстапуваат автомобилите на своите матуранти за таа вечер да бидат среќни, но тука грешат.

„Признавањето на една зрелост го потврдуваат и со конзумирање алкохол, тие се главни звезди на вечерта, сметаат дека таа вечер светот треба да се врти околу нив и не се свесни за последиците. Затоа и проектот на МВР беше да им се укаже и на родителите за тие да влијаат на своите деца“, изјави Оливера Цветковска – Психолог во Центар за социјална заштита – Тетово.

Според експертите и натаму треба да се работи со младите, но и со нивните родители и проферосите, за да се спречат ваквите последици, токму по матурските вечери.

Зоран Јованоски