Почнува седмото издание на „Drim Short Festival“ во Струга
Оваа година под струшкото небо ќе бидат прикажани 35 кратки филмски остварувања од светот. Програмата ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во натпреварувачки и ревијални категории, но и специјална програма насловена „MK Special“ за промоција на македонскиот филм и младите македонски автори...

Под мотото „Неопходна убавина“ почнува седмото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short Festival“ во Струга. Оваа година под струшкото небо ќе бидат прикажани 35 кратки филмски остварувања од светот.
Програмата ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во натпреварувачки и ревијални категории, но и специјална програма насловена „MK Special“ за промоција на македонскиот филм и младите македонски автори.
„Компетитивниот карактер значи дека избираме најдобар филм во секоја програма, освен тоа доделуваме, односно публиката доделува награда за најдобриот филм во програмата mk specials“, вели Лидија Мојсовска режисер и организатор.
Фестивалот ќе биде домаќин на работилница за краток филм, како дел од балканската мрежа на фестивали на кои ќе предаваат врвни светски режисери.
„Годинава многу важен сегмент од програмата е дополнителната програма којашто е надополнета со мастер класовите со иранскиот режисер Алијаш Гари, којшто ќе се случи на 16-ти август во 17 часот и 30 минути. Исто така, имаме и работилница којашто е дел од балканската филмска мрежа којашто ја основавме минатата година“, додава Мојсовска.
Во соработка со еколошките здруженија, годинава ќе има ревијална програма на филмови, чија главна тема е екологијата и заштитата на животната средина.
Соња Рилковска
