Пензионерите на протест во Скопје, бараат линеарно зголемување на пензиите
Пензионерите од неколку градови на протест во Скопје. Бараат линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, најниската да расте соодветно со минималната плата. Собирот го започнаа пред Сојузот на здруженија на пензионерите, побараа оставка од раководството. Револтот и своите маки ги искажаа и во Министерството за труд и социјала. Министерката Тренчевска им рече дека има разбирање, но нивните барања ги нарече противуставни и неоправдани…

Дојдени од речиси сите градови на Македонија, пензионерите на протестот пред Министерството за труд и социјална политика ги испорачаа барањата – линеарно покачување за 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари. Организаторите на протестот сакаа иницијативата да ја достават до министерката Тренчевска, чекаа 15 минути пред објектот и си заминаа. Откако на јавен говор ѝ порачаа дека ова е срамен потег, по неколку минути лицата за односи со јавноста од ресорот ги повикаа да влезат на средба со Тренчевска.
Пензионерите ѝ ги образложија барањата и објаснија дека нивните примања се недостојни за живот, немаат пари за лекови, огрев и основни намирници.
Министерката има разбирање за нивните барања, но посочи дека линеарното покачување е противуставно, а барањето минималецот да се покачи на 18.000 денари оцени дека е неоправдано.
Протестот почна пред Сојузот на здруженија на пензионерите. Беше побарана оставка од претседателката Станка Трајкова, бидејќи како што рекоа пензионерите, таа била против своето членство од кое зема пари.
Се случи и трагедија. Одејќи на протестот во Скопје, загинал пензионер од Неготино. Несреќата се случила кога автобусот застанал на пауза и пензионерот тргнал во тоалет, а во него удрило возило со романски регистарски ознаки.
Пензионерите најавија нов голем собир пред законодавниот дом в петок.
Викторија Милевска
