Трет заразен со конго-кримска хеморагична треска
42-годишен велешанец е третиот потврден случај на заразен со конго-кримска хеморагична треска. Хоспитализиран е на Инфективната клиника во Скопје. Формиран тим за правење епидемиолошка анкета за да се процени ризикот по луѓето кои биле во контакт со мажот …

42-годишен велешанец е трет случај позитивен на конго-кримска хеморагична треска. Најверојатно бил каснат од крлеж додека ловел риба. Пет дена пред да побара лекарска помош во велешката болница имал покачена температура, главоболка, болки во мускулите и зглобовите. Неговата здравствена состојба засега е стабилна, велат од Инфективната клиника каде што сега е хоспитализиран.
„Лабораториските анализите беа со намалени тромбоцити во текот на вчерашниот ден, но со соодветна супституција. Ние ова го третираме мултидисциплинарно во консултација со колегите од трансфузиологија. Денешните анализи се уредни, но тоа не значи дека нема да имаме тек и развој на болеста, се надеваме поволен, како што беше и кај претходната пациентка“, изјави д-р Милена Стевановиќ, директор на Инфективната клиника.
Тим ветеринари испитуваат на терен, дали постои жариште од крлежи заразени со конго-кримска треска. Се бараат причините, зошто болеста после долги години повторно се појави. Лекарите апелираат на поголема внимателност при прошетките во природа.
Во земјава од конго-кримска хеморагична треска минатиот месец почина 27-годишна штипјанка, неколку часа по дијагностицирањето. Од неа се зарази болничарка на Инфективната клиника. За неа најлошото веќе поминало. Состојбата ѝ е стабилна.
Болеста се пренесува со убод од заразен крлеж, но и со директен контакт со контаминираната крв. Болеста е смртоносна во 40 проценти од случаите и има брза прогресија.
Андријана Ѓурческа
