цук

Ангелов: Опасноста од нови пожари не е завршена

14.08.2023 15:53

Во земјава продолжува справувањето со огнените стихии. Пожарникарите до доцна во ноќта ги локализираа пламените јазици во кавадаречко. За среќа, немаше потреба да се интервенира и од воздух. Гореше и во кумановско. Од Центарот за управување со кризи уверуваат дека екипите се подготвени да се справат со заканите. Олеснителна околност се дождовите најавени за утре...

Заканата од пожари не е завршена. Сè уште има ризик од појава на големи огнени стихии доколку не се внимава – предупреди првиот човек на Центарот за управување со кризи. Ангелов побара поголема свест од населението. Предупреди на несоодветното однесување на земјоделците и сточарите, како и на оние кои се движат во шумски појаси.

Според Ангелов, службите се максимално подготвени да се справат со големи шумски пожари. На располагање има три специјализирани воздухоплови и хеликоптерите на АРМ и на МВР. Тој е задоволен од ангажманот на локалните противпожарни служби и на припадниците на националните шуми. Досега во десетина случаи се интервенирало од воздух, кога е загрозено населено место или критична инфраструктура.

Во ЦУК велат дека е подобрена координацијата со општинските власти кои треба први да информираат за појавата на пожар.

 

Игор Панов