Обвинителството ги негира наводите во најновиот документарен филм на ИРЛ за пожарот во модуларната болница во Тетово
Обвинителството се огласи по објавувањето на новиот документарен филм на Истражувачката репортерска лабораторија за модуларната болница во Тетово. Оттаму негираат дека германската експертиза, која покажала дека пожарот брзо се проширил поради материјалите од коишто била изградена болницата, не била земена предвид. Таа на судењето била изведена како доказ. Ништо не укажува дека е сторено кривично дело – убиство, велат од Обвинителството. Истражувањето на ИРЛ, кое се емитуваше на Македонската телевизија лоцира грешки и пропусти во изградбата на модуларните болници...

Обвинителството и тимовите кои го истражуваа пожарот во тетовска модуларна болница ги отфрлија наводите во документарниот филм на ИРЛ. Оттаму во соопштение до јавноста наведуваат дека не е точно оти вештачењето на германските експерти не било земено како доказ и дека постоела спротивставественост во вештачењата на домашните и германските форензичари.
„И вештиот наод на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи и она на германските експерти прецизно ги наведуваат истите причини за настанување и за ширење на пожарот. Врз основа на вака неспротивставени вештачења беше донесена првостепената пресуда на Основниот суд во Тетово“ – тврди Обвинителството.
Оттаму велат дека за овој настан има уште еден предмет, за тендерот за набавка на модуларните болници. Постапува истиот обвинител кој ги проверувал индициите, но во оваа фаза не може да соопштат детали. Републичкиот обвинител Јовески му наложил на тетовскиот обвинител со жалбата до Апелација да побара јавна седница за уште еднаш да бидат изложени доказите презентирани во прв степен.
„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е едно од ретките, ако не и единствено јавно обвинителство пошироко, кое поведе постапка за кривична одговорност за последиците од пожар во КОВИД болница, иако во екот на пандемијата вакви пожари со жртви се случија во повеќе земји, дури и во објекти од цврста градба, а повеќето од нив беа предизвикани токму од електричен спој и зголемена концентрација на кислород во објектите“ – пишува во соопштението од Обвинителството.
Во истражувањето на ИРЛ се наведува дека тендерот за изградбата на болниците имал пропусти, а објектите не ги задоволувале стандардите. За пропустите знаеле и Министерството за здравство и изведувачот, односно фирмата „Брако“ на поранешниот вицепремиер Анѓушев. Според ИРЛ, вештачењето на германските експерти покажува дека вистинска причина за пожарот е несоодветната градба и лошата електрична инсталација, којашто ја поставил „Брако“.
Анита Димитријевска – Велковска
