Засилени контроли на храната што доаѓа од поплавените региони

21.05.2014 16:43

Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија ја следи состојбата во Србија, Босна и Херцеговина и во Хрватска...

Да не се консумираат земјоделските производи и овошките што ќе стасаат од подрачјата зафатени со поплавата. Опасни се за човековото здравје – ова предупредување стигна од српските институции. Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија ја следи состојбата во Србија, Босна и Херцеговина и во Хрватска.

„Не очекувам големи промени, бидејќи и во тие земји се следи ситуацијата, службите си ја вршат работата, многу е мала веројатноста нешто да побегне од контрола“, вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Македонија од Србија најмногу увезува пченица, месо, млеко и добиточна храна. Надлежните најавуваат засилени контроли.

„Поголеми проблеми очекуваме наесен кога ќе почне увозот на пченица, храна за животни, па потоа и млекото“, додава Рунтевски.

Србија е четврти надворешно трговски партнер на Македонија, Хрватска единаесетта, а Босна и Херцеговина дваесетта. Од Србија увезуваме стока во вредност од 143  милиони долари, од Хрватска 27 милиони, а од Босна и Херцеговина 15 милиони долари.

 

Наташа Јанчиќ