Македонија

Независниот синдикат на пожарникари бара вработување на нов кадар

15.08.2023 10:36

Независниот синдикат на пожарникари укажува на недостатокот на професионални пожарникари во територијалните противпожарни единици во земјава.

Независниот синдикат на пожарникари укажува на недостатокот на професионални пожарникари во територијалните противпожарни единици во земјава. Оттаму посочуваат дека не е запазен законскиот минимум и просечната старост на вработените е околу 48 години.

– Состојбата е алармантна имајќи предвид дека пополнетоста на единиците е некаде на 50 проценти од законскиот минимум, додека просечната старост на вработените во повеќе единици изнесува околу 48 што укажува на фактот дека ако ова прашање не се реши набрзо, некои од единиците во наредните 5 години ќе останат без соодветен кадар кој како поискусен би требало да ги едуцира во работата новите колеги, велат од Синдикатот.

Хроничниот недостаток на вработените, според Синдикатот, сериозно влијае врз квалитетот на извршување на акциите на спасување на животи и имот на граѓаните и претставува опасност по безбедноста и здравјето на пожарникарите кои се обидуваат да го надоместат недостатокот на персонал.