Руско - украински конфликт

Масовни ракетни напади врз неколку украински региони

15.08.2023 13:01

Се евакуираат цивили од градовите близу до североисточната линија на фронтот. Путин повторно го обвини Западот дека го поттикнува конфликтот во Украина. Зеленски го посети штабот на бригадите во регионот на Доњецк. Украинската војска тврди дека напредува околу Бахмут...

Москва изврши масовни ракетни напади врз повеќе места во Украина, соопшти Воздухопловството на оружените сили на Киев. Во Лавов, делови од ракети погодија станбени згради, оштетени се повеќе од 100 куќи и уништено е детско игралиште.

„Пред еден ден ова место беше детски двор. Ракета директно го погоди дворот. Станбената зграда е уништена, горниот кат е во урнатини“, изјави Андриј Садови, градоначалник на Лавов.

Се евакуираат цивили од градовите близу до североисточната линија на фронтот, каде што Русија неодамна ги засили нападите.

„Навистина е тешко да се живее овде. Поради гранатирање, избувна пожар во три куќи до нашата“, вели Викторија Чумак, жителка на Купијанск.

„Сè додека Русите стоеја во место имаше гранатирање од далеку. Сега летаат бомби и ракети“, изјави Олександр Василијович, жител Хришивка.

Рускиот претседател, повторно го обвини Западот дека го поттикнува конфликтот во Украина, а воедно и предизвикува конфликти во други области. Според Путин, НАТО ја пренесува воената конфронтација во вселената и во информативниот простор користејќи воени и невоени средства за притисок.

„Можеме јасно да видиме каде води политиката на долевање масло на огнот во примерот на Украина. Со пумпање милијарди долари во неонацистичкиот режим, снабдување со опрема, оружје, муниција, испраќање на нивните воени советници и платеници, сè се прави за да се разгори конфликтот уште повеќе, да се вовлечат и други држави во него“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

САД објавија нов пакет безбедносна помош за Украина во вредност од 200 милиони долари, обезбедувајќи му на Киев уште една пратка муниција и тактички возила. Украинскиот претседател го посети штабот на бригадите кои спроведуваат офанзивни операции во регионот на Доњецк. Војската тврди дека напредува околу Бахмут.

„Имав чест да ги наградам најдобрите, да им се заблагодарам на сите во секоја бригада за нивната храброст и резултати за доброто на Украина. Имавме детални и искрени дискусии за нашите офанзивни дејствија, снабдувањето на воените сили, способностите на командантите“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Според руското Министерство за одбрана, ситуацијата на фронтот покажува дека воените ресурси на Украина се речиси целосно исцрпени, а специјалната воена операција во Украина ставила крај на воената доминација на Западот. Рускиот министер за одбрана, Шојгу, изјави и дека руското оружје го победува западното на фронтот.

 

Маријана Димовска