Македонија

Протестите не се спонтани, зад нив стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тврди Тренчевска

15.08.2023 14:25

Воспоставено е системско решение за раст на пензиите, новата методологија ги следи инфлацијата, трошоците за живот и просечната плата, вели ресорната министерка Тренчевска. Тврди, протестите на пензионерите не се спонтани, зад нив стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Поради лошите политики на власта на пензионерите им е одземено правото на достоинствена пензија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ...

Лековите скапи, пензиите ниски. Највозрасните граѓани се жалат дека не врзуваат крај со крај. Затоа опстојуваат на барањето за зголемување на пензиите за 3.500 денари и минимална пензија од 18.000. Велат оти тоа е можно со интервенција во законите. Бараат државата да покрива и 50% од трошоците за здравствена терапија и можност по пет дена секој пензионер да престојува на планина, езеро или бања.

Министерката Тренчевска смета, ако се прифати барањето на пензионерите, фискалните последици по Буџетот би изнесувале 220 милиони евра годишно, со што би се оптоварил Фондот и би се довела во прашање стабилноста на пензискиот систем. Откако пензионери од повеќе градови протестираа, Тренчевска обвини дека зад овие настани стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ негираат поврзаност со протестите. Оценуваат дека се резултат на лошите политики на власта.

Лани беше воспоставено системско решение за пресметка на пензиите. Методологијата ги следи растот на инфлацијата, трошоците на живот и просечната плата. Во земјава има 330.000 пензионери, една третина од нив живеат со минимални примања.

 

Анита Димитријевска