Хаваи: Се очекува бројот на жртви во пожарите да расте
Пожарите што го зафатија најголемиот дел од историскиот град Лахаина се најсмртоносните во сад во повеќе од еден век. Некои државни функционери велат дека има недостиг на вода за пожарникарите.

Стотина луѓе загинаа во шумските пожари во Мауи. Се очекува тој број да порасне додека екипите за пребарување трагаат по преживеани низ населбите, каде што огнот се разгоруваше со неверојатна брзина. Над 1.000 лица се водат како исчезнати.
Пожарите што го зафатија најголемиот дел од историскиот град Лахаина се најсмртоносните во сад во повеќе од еден век. Некои државни функционери велат дека има недостиг на вода за пожарникарите.
„Вознемирувачко чувство е кога доаѓаат пожарникари, и немаат вода. Јас грабнав вода од тоалетот и вадев вода од филтерот во фрижидерот“.
„Ќе направиме сè што можеме за да добиеме повеќе вода и ќе направиме сè што можеме за да ги предупредиме луѓето“.
Гувернерот Џош Грин рече дека потрагата ќе потрае.
„Закрепнувањето од оваа трагедија тече и се одвива исклучително енергично. Има извонредни приказни низ Мауи и нашата држава за луѓе кои засолнуваат десетици поединци во нивниот дом. Потрагата продолжува. Достапни се нешто помалку од 2.000 станбени единици за засолнување на луѓето. Размерот на уништувањето е неверојатен. Ќе биде потребно многу време“, изјави Џош Грин, гувернер на Хаваи.
Многумина се пожалија-не биле соодветно предупредени за пожарите и сирените не се огласиле. Властите, пак велат дека издале предупредувања преку СМС-пораки, ТВ и радио.
На многумина од преживеаните ќе им биде потребна и поддршка за менталното здравје за да се справат со траумата што ја преживеале.
„Има многу поединци кои доживуваат многу емоционална вознемиреност. Мојата работа е да работам со тие поединци, да им понудам безбеден простор за да работат на траумата што ја доживеале. Ќе биде потребна голема поддршка за менталното здравје. Има потенцијална анксиозност, потенцијални кошмари, потенцијални напади на паника и слично. Долгорочната нега ќе биде неопходна за сите возрасти, за сите вклучени, не само оние кои изгубиле работи, туку и поединците во заедницата кои изгубиле пријатели“, вели Дана Лусио, советник за ментално здравје за кризи.
Американскиот кризен менаџмент обезбеди по 700 долари за раселените за храна, вода и медицински материјали.
Марина Ристова
