Во Ѓорче Петров има соживот, инцидентите се исклучок

21.05.2014 17:43

Без тензии и во добро расположение граѓаните сведочат дека добро живеат...

Инцидентите кои се случуваа во Ѓорче Петров во последните два дена се исклучок од правилото за коректен соживот, кој инаку владее во оваа скопска населба. Дуќанџиите што ги анкетиравме ни потврдија дека секојдневно воспоставуваат коректни релации со своите соседи.

Направивме обиколка околу маалското пазарче. Без тензии и во добро расположение граѓаните сведочат дека добро живеат. Виктор Лозановски е сопственик на продавница во малиот трговски центар. Вели со соседите Албанци досега немал никаков проблем. Напротив, заедно сплотени туркаат низ секојдневните животни предизвици.

„Има 5-6 албански локали, месара има, кафетерија има, менувачница, разни дуќани и со сите нормално си живееме, муабетиме, комшии сме си помагаме, муштерии сме тие кај мене доаѓаат, јас кај нив, фино си живееме, досега воопшто немало никакви проблеми“, вели Виктор Лозановски, сопственик на дуќан во Ѓорче Петров.

Спроти неговиот дуќан се наоѓа малечка продавница чии сопственици се неговите соседи Албанци чиј објект беше демолиран во инцидентите.

„Никаков проблем досега не сме имале. Имаме муштерии од двете националности, и од албанска и од македонска, сите тука доаѓаат, пазаруваат“, вели сопственикот на локалот.

По немирите што ја тресеа населбата во последните два дена како реакција на убиството на матурантот Ангел, денеска улиците беа мирни. Полицијата и натаму апелира да не се подгрева тензијата, а граѓаните да се воздржуваат од инциденти.

 

Анита Димитријевска