Случај „Модуларна Болница-Тетово“

Алтернатива бара оставки од Ковачевски и Меџити

15.08.2023 18:45

Не стивнуваат реакциите во јавноста по објавувањето на сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија за модуларната болница во Тетово. Со ставови во јавноста излегоа сегашниот и поранешниот министер, Сали и Меџити…

Поранешниот министер за здравство од редовите на Алтернатива, Беким Сали бара одговорност за виновниците кои ги амнестираат одговорните за пожарот во модуларната болница во Тетово. Сали вели откако станал министер побарал интерна ревизија за договорот за модуларните болници кои се користат како амбуланти, а на 25-ти јануари годинава извештајот бил финализиран и добил препорака Министерството за здравство да го раскине со фирмата изведувач. Сали побара одговорност и од државниот јавен обвинител Јовески за кого кажа дека наместо да бара виновници кај оние кои ги изградиле болниците, тој ги амнестирал.

Од Министерството за здравство со реакција-Беким сали е последен што смее да каже било што за мандатот и неговата работа како министер, а уште помалку да манипулира за случајот со модуларните амбуланти. Според министерството, министерот Меџити, по преземањето на функцијата, изврши ревизија на сите отворени постапки и долгови.

„Беким сали крие од јавноста дека со негово одобрение, е направен прием на три амбуланти од страна на Министерството, а тоа се модуларните амбуланти во здравствените домови Бутел, Лисиче и Ѓорче Петров. Лично тој како министер одобрил и ги примил модуларните амбуланти во 2022 и годинава, со што изведувачот правно требал да ги наплати“ - стои во соопштението.

Јавното обвинителство и тимот од јавни обвинители кои работеа на предметот во соопштение ги отфрлија наводите во емисијата на Истражувачката репортерска лабораторија.

 

Игор Панов