Македонија

Екологистите од Велес поделија 10 компост апарати на детската градинка од градот

16.08.2023 12:04

Со проект за компостирање на органскиот отпад се подига еколошката свет кај најмладите. На детските градинки во Велес поделени 10 електрични апарати за компостирање, преку проект на велешките екологисти од ЕД „Вила Зора“…

Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес подели на Детската градинка од градот 10 електрични апарати кои произведуваат компост од органски отпад. Со компостирањето се овозможува да се врати органскиот материјал во почвата од каде што потекнува, по истиот тек како што се создава во природата. Процесот во апаратите трае пет часа.

Компост е ѓубриво кое се добива од разни видови органски отпад како што се лушпи од зеленчук и овошје, трева, лисја, слама, пилевина, талог од кафе и чај. Овие материи се разложуваат и создаваат органски хумус кој може да се користи во нивите и градините. Со проектот се развива еколошката свест кај децата.

Овој проект „Селектирај-компостирај“ за прв пат во Македонија се реализира во Велес. Интерес за негова примена пројавиле и средните училишта од градот. За почеток се едуцираа децата од градинката „Димче Мирчев“.

Проект е финансиран од ЕУ и кофинансиран од Општина Велес.

Петар Печков